Мицкоски од Битола: Не смееме да дозволиме да ја ограбуваат и распродаваат државата

Макфакс

30/05/2018

12:47

895

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓани и состанок со Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола. Тој рече дека она што следува е период во кој власта ќе заплашува само за да го сврти вниманието од главните теми и да може да продолжи со криминалот што се одвива на големо.

„Ќе се обидат да продадат колективна депресија, политичка репресија, нереалното да го продадат како реално, невистината како вистина, понижувањето како победа, распродавањето како купување. Сето тоа браќа и сестри има една цел, а тоа е да нè направат рамнодушни додека тие ја ограбуваат и ја распродаваат Република Македонија, тоа е нивната цел. Не смееме да тоа да им го дозволиме, не смееме да бидеме рамнодушни, мора да пркосиме и да бидеме бунтовни и ова не го кажувам како политичар, го кажувам како Христијан Мицкоски, како човек со чест, интегритет и образ. Образот е огледало на секоја личност и ова го правиме за нашите соседи, ова го правиме за нашите роднини, ова го правиме за нашите пријатели и конечно ова го правиме за нашите семејства“, истакна Мицкоски.

Тој истакна дека економијата тоне, додека единствено што се качуваат се трошоците кои ги наметнува Владата. „Во реализираниот буџет за првите 4 месеци од оваа година ќе забележите дека по основа на акциза собрале 23 милиони евра, тоа се ваши пари, зашто, затоа што тоа се парите кои вие секојдневно ги плаќате преку нафтата, полнејќи ги резервоарите во своите возила. И ја плаќате поскапата акциза за да може Зоран Заев да дава тендери, за да можат камионите на семејството да имаат повеќе километри, за да можат да никнат повеќе хектари марихуана во Република Македонија. Е тоа е она што успеа да го направи. Не може веќе да го дозволуваме тоа. Оваа држава нема повеќе простор за такви политичари. Мора да им кажеме доста е и за тоа да одговараат, не може судијата да го објави Заев и да нè направи слепи при очи и глуви при уши“, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, посочи дека ветувањето за 500 евра просечна плата оваа влада нема да го оствари, и тоа самите го предвидуваат во нивната фискална стратегија, што значи дека се фатени како свесно ја лажат јавноста и граѓаните.

„Само пред некој ден пред мене стоеше и викаше ние ќе испорачаме 30 илјади денари, а заборави да каже дека неколку дена претходно во Владата испечатил документ кој се нарекува фискална стратегија, каде што предвидел пораст на номиналната нето-плата за 2018 година во вредност од четири проценти, а за 2019 и 2020 соодветно 4,4 проценти. Ако имаме предвид дека 2017 ја завршивме со просечна плата од 23 илјади и 850 денари и сето тоа го помножиме со оваа претпоставка дека ќе растат платите, тогаш на крајот од неговиот мандат, под услов да нема предвремени парламентарни избори, просечната номинална нето-плата не може да надмине бројка од 27 илјади денари. Лаже, ама ај што лаже и суши од лажење. Ако таа номинална нето-плата ја деноминираме со стапката на инфлација којашто ја предвидел дека ќе биде 1,7 проценти, тогаш можеме да кажеме дека овие 23 илјади и 850 денари во декември 2017 многу повеќе ќе вредат од тие 27 илјади во 2020 година. Тоа е она со коешто Зоран Заев ги убедува граѓаните и се обидува со вакви лаги да се одржи на власт, но ние тоа нема да му го дозволиме“, истакна Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг