Нова рунда преговори за името во Њујорк

Макфакс

24/05/2018

15:25

1.058

Големина на фонт

а а а

Денеска и утре министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе одржат нова средба за името во Њујорк, во посредство на медијаторот Метју Нимиц.

Како што информира Министерството за надворешни работи, средбата меѓу двајцата шефови на дипломатијата ќе се одржи во присуство на личниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц.

Минатиот викенд се одржа лидерска средба во Скопје, на која премиерот Зоран Заев информираше дека предлогот за кој разговарале со неговиот грчки колега Алексис Ципрас е Република Илинденска Македонија.

„Со ова можно решение го чуваме достоинството, го потврдуваме и го зајакнуваме нашиот македонски идентитет. Илинден е гаранција и за мултиетничка Македонија. Илинденската Македонија е држава и општество за чија благососотојба и развој подеднакво се ангажирани и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите и Бошњаците, и сите други што се бореле и избориле за слободна и независна Македонија“, истакна Заев.

Грчката страна го отфрли предлогот и даде до знаење дека преговорите треба да се насочат кон предлозите на Нимиц.

„Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц, како што знаете, не се согласуваме со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име“, рече Коѕијас пред два дена од САД.

Во пресрет на новата рунда преговори во Њујорк, Коѕијас изјави дека не е ниту оптимист, ниту песимст, но има волја да најде решение, па се надева дека и другата страна ќе покаже прагматизам и реализам.



Спонзорирани линкови

Маркетинг