Уште еден екоавтобус ќе сообраќа во Скопје

Макфакс

18/05/2018

16:41

2.393

Големина на фонт

а а а

ЈСП „Скопје“ денеска потпиша договор со компанијата „МАН импортер Македонија“, ексклузивен увозник на МАН за македонскиот пазар, за пробно користење автобус кој користи природен компримиран гас. Новиот автобус во сообраќај ќе биде пуштен од утре, 19 мај, и ќе сообраќа на линијата со број 5. Има капацитет за превоз на 85 патници.

„Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката ‘Син ангел’ и е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа. Град Скопје веќе се вброи во редот европски метрополи што користат екоавтобуси. На градските улици веќе возат два екоавтобуса на гас, на линијата број 5 и линијата број 2. На почетокот на овој месец, пак, во јавниот превоз се вклучи и електричен автобус кој вози на линијата со број 15. Со овој денешен чекор само ја потврдуваме заложбата за воведување еколошки, навремен и удобен јавен превоз кој целосно ќе биде во функција на граѓаните, а притоа нема да ја загадува животната средина“, рече Кристијан Чушков, директор на ЈСП „Скопје“ на потпишувањето на договорот.

Чушков објасни дека пробниот период во кој сообраќаат автобусите ќе се искористи Градот Скопје и ЈСП „Скопје“ да ги увидат предностите на екоавтобусите, а добиеното искуство понатаму ќе се искористи во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз, што е приоритет на Градот. За таа цел Град Скопје во буџетот за годинава предвиди субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари, а за приватните превозници во висина од 20 милиони денари.



Спонзорирани линкови

Маркетинг