Јанушев: Заев да не бега од лидерска средба и итно да каже што се случува во преговорите за името

Макфакс

15/05/2018

15:42

1.600

Големина на фонт

а а а

Трет ден имаме молк од владата и премиерот Заев на повикот за итна лидерска средба на која ќе се разговара за деталите и тековите на најважното прашање за граѓаните на Република Македонија, прашањето за името, рече денеска на прес-конференција, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Тој истакна дека единствените информации со кои располага македонската јавност се оние кои се од грчките медиуми.

„Дополнително на ова претходеше еден процес на ретерирање во изјавите на премиерот и владините претставници околу прашањето за организирање на референдум и непромена на Уставот, што само ги зголемува дилемите дека работите се движат во непосакуван правец за Република Македонија“, нагласи Јанушев.

Според него, во една ваква ситуација нормално е да се јави дилема во јавноста што крие премиерот и доколку има некаков договор кои се деталите за истиот.

„Јавноста, граѓаните, сите Македонци имаат право да ја знаат вистината. Прашањето за името не е суверено право на Заев и тој не смее да се однесува како да има монопол кон истото. Господине Заев излезете јавно и кажете што се преговара и што е она што следи. Целата оваа ситуација наликува на процес во кој Македонија ја ставате пред свршен чин. Дали решението кое го договарате или веќе сте го договориле значи капитулација на Република Македонија“, јавно запраша Јанушев.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ подвлече дека нема ниту една причина да нема итна лидерска средба и рече дека власта се плетка во сопствените лаги и лажни надежи искреирани за народот.

„Кажаа дека претседателот Иванов не е тука, а претседателот на државата е тука. Кажаа дека проблем бил терминот на одржување на средбата, а досега лидерите не се воопшто исконтактирани за можен термин. Обврска на владата е да бара консензус за вакви историски прашања, а не да се крие и да се дознаваат информации од грчки медиуми за она што грчката влада го сервира во медиумите. Од авион се гледа дека лошо поставената надворешна политика базирана на трговија со нешто што не е само на владата доживува колапс. Овој народ овие граѓани треба владата да ги гледа како сојузник, а не како непријател. Името на државата не е фамилијарно наследство на луѓето од власта за да вака неодговорно се однесуваат“, истакна на прес-конференцијата Јанушев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг