Претседателот на Единствена Македонија денека упати писмо до Алексис Ципрас во кое на грчкиот премиер му препорачува да не се впушта во авантура со премиерот Зоран Заев за решавање на спорот за името бидејќи тоа е противправно и против сите меѓународни договори.
„Силно сум вознемирен од лагите и авантурата во која е втурната Атина од страна на марионетската власт во Скопје за толку сериозни прашања како името, идентитетот и иднината на Република Македонија. Македонскиот народ и повеќето од граѓаните на Република Македонија не стојат зад каков било договор помеѓу Македонија и Грција за промена на македонското име и идентитет“, вели претседателот на Единствена Македонија, Бачев, по што додаде дека иднината на Македонија не ја гледа во ЕУ и НАТО, туку во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија.
Бачев истакна дека за виенската конвенција за договорно право за валидност на еден меѓународен договор потребно е да бидат исполнети два општи услова.
Првиот е да биде вклучен од страна на надлежни органи, што, според Бачев, Зоран Заев не може да се смета за овластено лице бидејќи е избран од Собранието со кое претседава, според него, нелегален претседател, како и според домашното право, кое вели дека вакви договори не може да склучува Владата, туку претседателот на Републиката.
Вториот услов, според Бачев, е да постои дозволен предмет на преговарање.
„Договарања за име и идентитет претставуваат недозволен предмет бидејќи според општото меѓународно право и правото на Обединетите нации името на една држава е прашање на внатрешните околности, а не на меѓународното право и според тоа евентуалено договорот за име и идентитет е ништовен“, вели Бачев.
Претседателот на Единствена Македонија изјави дека кога ќе дојде нова легална власт во која ќе биде вклучена и неговата партија, уште на првата седница ќе го поништи таквиот договор како спротивен на домашното и меѓународното право.
Бачев претстојната средба меѓу Заев и Ципрас во Софија ја карактеризира како приватна забава меѓу двајцата премиери, на која нема да биде донесена никаква одлука во поглед на менувањето на идентитетот и името на Македонија.