Командантот на американската морнарица после тензиите со Иран: Мора да бидеме подготвени!

Точка

15/05/2018

15:34

3.071

Големина на фонт

а а а

Командантот на американската воена морнарица, после напуштањето на САД на иранскиот нуклеарен договор и жестоките реакции на Техеран, порача дека моментално следува период на неизвесност на Блискиот исток.

Главниот командант на американската морнарица, адмирал Џон Ричардсон порача дека морнарицата на Соединетите Американски Држави внимателно ќе го следи иранското движење на просторот на Заливот.

Според него, сега се очекува „период на неизвесност“ и американската морнарица ќе го зголеми нивото на подготвеност за реакција, сега откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран.


„Сега влегуваме во период на неизвесност, вклучувајќи го и прашањето како целиот свет ќе реагира на најновите случувања“, изјави Џон Ричардсон за американските медиуми.

„Мора да бидеме подготвени, дури и повеќе од тоа што бевме досега“, истакна американскиот генерал, сугерирајќи дека очекува зголемување на тензиите на Блискиот исток, односно во Персискиот залив каде што е присутна американската воена морнарица.

Неколку конфронтации помеѓу иранската Револуционерна гарда и американската морнарица во Заливот се случија во изминатите неколку години, но од минатата година нема поголеми инциденти, посебно затоа што тензиите се смирија со потпишувањето на иранскиот нуклеарен договор.


Сепак, сега односите помеѓу Вашингтон и Техеран повторно се влошија откако неодамна американскиот претседател ги оствари заканите и донесе одлука за повлекување на САД од нуклеарниот договор. Покрај тоа, Трамп воведе и нови санкции против Иран и ги повика и останатите земји да го сторат истото.

Кога станува збор за Заливот каде што американската морнарица е присутна со своите носачи на авиони и разурнувачи, треба да се нагласи дека станува збор за простор кој што е од исклучително голема важност за трговијата со нафта.



Спонзорирани линкови

Маркетинг