Либерална партија: Впечаток е дека македонската страна не успеа да обезбеди рамноправен статус во разговорите за името

Макфакс

14/05/2018

15:02

693

Големина на фонт

а а а

Во отсуство на официјални информации, а со деталите пренесени од грчките медиуми се добива впечаток дека во голема мера е излезено од рамката на преговорите за името, реагираат денеска од Либералната партија.

Оттаму изразуваат загриженост поради натписите во грчките весници според кои се бара промена на Уставот, име, нација, идентитет, јазик и историја и велат дека според тоа, македонската страна ни приближно не обезбедила рамноправен статус во разговорите.

„На овој начин резолуциите 817 и 845 и Времената спогодба, како документи на ОН, се тргнати на страна како да не постојат. Тоа укажува дека надвор од досегашниот тек на решавањето на овој спор, Грција наметнала да се бараат нови решенија само врз основа на нејзините интереси. Повеќе од јасно е дека грчките барања за промена на Уставот на РМ фактички го негираат нашиот национален идентитет и постоење како посебен народ“, стои во партиското соопштение.

Поради ова, Либералната партија повикува на национален консензус и меѓупартиски договор (власт и опозиција) со цел да се отфрли условот за уставни промени „ерга омнес“, бидејќи, како што велат, е спротивно на Резолуцијата 817 на Советот за безбедност и другите документи на ОН.

„Уставните промени што се навестуваат и ново име ‘ерга омнес’ е отфрлено уште при усвојувањето на споменатите резолуции и Времената спогодба од 13 септември 1995 година. Премиерот Заев треба да е свесен за овие факти и треба да води сметка за нив кога ќе разговара со грчкиот премиер Ципрас на 17 мај 2018 во Софија“, предупредуваат од Либералната партија.

Оттаму истакнуваат дека НАТО и ЕУ интеграцијата се нашиот единствен пат, а постигнувањето на одржливо решение засновано на сите досегашни меѓународни документи е од заеднички интерес и на Република Македонија и на Грција и на членките на овие асоцијации.



Спонзорирани линкови

Маркетинг