Победнички старт за Бостон во финалето на Истокот: Леброн и Кливленд „изгореа“ во „Ти-Ди Гарден“

Дерби

14/05/2018

12:12

1.593

Големина на фонт

а а а

Тимот на Бостон Селтикс на феноменален начин и со убедлива победа од 108-83 ја отвори финалната серија на Истокот против Кливленд Кавалирс.

Домашниот тим во целост го надигра противникот со што јасно покажа дека има намера да ја добие оваа пресметка против Леброн Џејмс и компанија, односно да дојде во позиција да се бори за пехарот во НБА лигата.

„Келтите“ имаа пеколно и перфектно прво полувреме кое го добија со 26 разлика (61-35) со што ширум си ги отворија вратите за првиот триумф во серијата. Во третиот период Кливленд заигра подобро и успеа да ја намали предноста на „само“ 14 разлика пред стартот на последните 12 минути (78-64).

Меѓутоа тука одново на сцена стапија момците на Стивенс и со нов одличен период од 30-19 ја комплетираа задачата и му го нанесоа првиот удар на клубот од Охајо.

Листата на стрелци кај Селтикс ја предводеше Браун со 23 поени на кои додаде 8 скокови, Морис запиша дабл-дабл од 21 поен и 10 скокови, а 20 кошеви со 4 скока, 2 блокади и 6 асистенции реализираше Хорфорд.

Кај Кливленд центарот Лав дојде до 17 поени, додека Џејмс беше комплетно неутрализиран со само 15 постигнати поени и имаше дури 7 загубени топки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг