Белата куќа не ја исклучува можноста за санкции кон европските компании кои соработуваат со Иран

Макфакс

14/05/2018

10:54

713

Големина на фонт

а а а

По откажувањето на САД од нуклеарниот договор, можни се санкции против европските компании што соработуваат со Иран, изјави во неделата советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон.

„Можно е. Тоа најмногу зависи од однесувањето на другите влади“, изјави Болтон за Си-Ен-Ен.

Со повлекувањето од нуклеарниот договор со Иран, склучен во 2015 година, американскиот претседател, Доналд Трамп, ги вознемири европските сојузници на Вашингтон кои веруваат дека иако овој споразум не е идеален, сепак засега обезбедува гаранции дека Иран нема да создаде атомска бомба, а воедно и сакаат да продолжи работата на нивните компании во таа земја.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, вчера изјави дека се надева оти САД и Европа ќе можат да се договорат за тоа како ќе постапуваат во однос на Иран, откако Трамп се закани со санкции кон европските компании кои ќе продолжат таму да работат.

Говорејќи за „Фокс њуз“, Помпео рече дека САД повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор не го насочиле кон Европа.

„Се надевам дека во наредните денови и недели ние ќе може да дојдеме до договор кој навистина функционира и кој вистински ќе го штити светот од лошото однесување на Иран, не само нивната нуклеарна програма, но исто така и нивните проектили“, изјави тој.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани, изјави дека неговата земја ќе остане посветена на нуклеарниот договор, кој покрај САД е потпишан и од Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија, под услов останатите земји потписнички да гарантираат дека Иран е заштитен од санкции протв клучните економски сектори како нафтата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг