Од сите вештаци, вие сте ги избрале оние од СДСМ, ѝ рече пратеникот Илиоски на Катица Јанева

Макфакс

03/05/2018

16:54

2.366

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, ѝ забележа на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, дека од сите вештаци, СЈО ги ангажирало вештаците што се ексфункционери на СДСМ.

„Сте ангажирале вештаци што биле истакнати функционери на СДСМ против обвинети од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Илиоски од говорницата.

Тој ѝ кажа на Јанева дека има забелешки за начинот на кој потрошиле приближно 923 илјади евра.

„Нема информација за што се потрошени парите, дали се спроведени јавни набавки, за кои луѓе, со каков профил“, истакна Илиоски и додаде дека СЈО придонесува кон правна несигурност.

Тој ја праша Јанева дали има информации за тоа дека сè уште има бомби на црниот пазар и дали има записник за предадените материјали. Ја прозва Јанева дека сè уште водат истраги, а немаат законска можност за тоа и за поднесување обвиненија.

Јанева, пак, рече дека даночната пријава за потрошеното ја има на нивната веб-страница и дека сè е транспарентно.

За вештаците на Илиоски му одговори дека ги ангажираат оние што сакаат да вештачат според регистарот на Министерството за правда. Побара да се укине членот 22 од Законот за СЈО за да може да поведе обвинение.

За збор се пријавија и пратениците Бетијане Китев и Сурија Рашиди.

Шестмесечниот извештај за работата на специјалното јавно обвинителство е на дневен ред на продолжението на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците закажана за попладнето во законодавниот дом. Ова е трет обид на пратениците да чујат од специјалната јавна обвинителка што сработело ова обвинителство.

Образложувањето на извештајот на СЈО пред членовите на Комисијата беше двапати одлагано. СЈО во последниот извештај образложи дека завело 136 предистражни постапки, отворило седум нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија. Досега СЈО обработило 515.572 од 606.555 аудиофајла со кои располага, односно 85 отсто од бомбите.