Ново рочиште за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра

Макфакс

20/04/2018

09:39

853

Големина на фонт

а а а

Во кривичниот суд денеска се очекува да продолжи судењето за предметот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, а во него обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.

На минатото рочиште, судот одлучи на Јанкулоска да ѝ се суди одвоено поради ризична бременост. Адвокатите на обвинетите и во предметот „Тенк“ побараа изземање на судискиот совет и на судиите од Апелација поради интервјуто на Катица Јанева дадено на 26 март, во кое таа тврди дека меѓу прислушуваните телефонски разговори има разговори и меѓу судии кои постапуваат по предмети на СЈО.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањето“. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски, кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал да се дознае во јавност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг