Земјите од Западен Балкан преку дигитална трансформација ќе бидат дел од Европската Унија

Точка

18/04/2018

14:43

1.825

Големина на фонт

а а а

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел и Генерален секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ, на заедничка прес конференција, се осврнаа на значењето на првиот Дигитален Самит што се одржува во Скопје.

„Дигиталниот Самит за земјите од Западен Балкан е потврда дека сите работиме во една насока. За нас Западен Балкан е дел од Европската Унија, а со дигиталната трансформација ќе успееме да ја подобриме соработката. Дигиталната трансформација ги менува нашите животи, а тоа е признаено и од политичарите. Во последната Стратегија на ЕУ, дигитализацијата е високо на политичката агенда. Пред нас се важни проекти, како што се намалувањето на цените на роамингот и сајбер безбедноста“, посочи еврокомесарката Габриел. 


„Дигиталната трансформација е неопходна за зголемување на квалитетот на животот на граѓаните“, рече генералниот секретар на СРС, Свилановиќ. Тој истакна дека придобивките од дигитализацијата се во сите аспекти на живеењето, вклучително и намалувањето на корупцијата.

„Ова е шанса да Западен Балкан да биде дел од ЕУ, независно од политичката агенда. Овој настан е ретка можност за да се дефинираат заедничките цели“, рече Свилановиќ.


Министерот Манчевски, како домаќин на првиот Дигитален Самит, се осврна на пораката која се испраќа со организирање на овој настан.

„Конечно, Балканските земји се заедно, во заеднички напори да направиме нешто повеќе за нашите граѓани. Покрај сите политички прашања, покрај сите историски предизвици, се собравме тука денес, како што ќе се собереме за еден месец повторно во Софија, а потоа во Лондон, за да кажеме дека Земјите од Западен Балкан се обединети во дигиталната трансформација. Дека имаме волја, посветеност и соработка, заедно да ја прифатиме промената. Дека ова е историска можност Западниот Балкан да стане пример. Добар пример. Не на начинот на кој бевме познати во минатото. Ние веќе и работиме заедно“, истакна министерот Манчевски.


„Моите очекувања од овој самит се големи. Очекувам многу добри вести за нашите граѓани. Очекувам цените за роаминг во регионот и со ЕУ драстично да се намалат. Очекувам да договориме заеднички настап за подобрување на пристапот до широкопојасен интернет. Очекувам Западниот Балкан да стане следната ИКТ дестинација во светот. Очекувам нашите млади да бидат предводници во подигнувањето на дигиталните вештини и да останат во своите родни земји. Очекувам меѓусебно да си ги признаеме дигиталните сертификати. Очекувам Балканот дигитално да се интегрира во ЕУ, многу побрзо отколку политички. Но, не само што очекувам, искрено верувам дека ова ќе се реализира“, заклучи министерот Манчевски посакувајќи продуктивен Дигитален Самит.

Дигиталниот Самит за земјите од Западен Балкан, претставува дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација за приближување на регионот до Европската Унија. Компонентата за дигитална интеграција предвидува дека Дигиталниот самит за Западен Балкан треба да се организира на годишно ниво, а за Македонија е од голема важност што е првата земја домаќин на Самитот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг