Родителите на едно од убиените деца кај Смилковското Езеро: Заев крие материјали, бараме да биде приведен

Макфакс

17/04/2018

12:41

4.933

Големина на фонт

а а а

Родителите на децата што беа убиени кај Смилковското Езеро на денешното рочиште побараа да се утврди улогата на обвинетите и како тие се поврзани со настанот, односно да се видат пораките на петте функционери на ДУИ.

„Се слушаше гласот на Фејзи Азири и непознатото лице: „Вечерва сонував лош сон. Сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев. Си велев, да не нè се израдувам, да не нè го завршам тој никаквец“, цитира Зорица Наќевска, мајката на Александар, дел од транскриптот од разговорите.

Наќевска побара да им го вратат телефонот на синот бидејќи бил важен за нив, а додаде дека децата во четвртокот биле убиени, а до петокот до погребот им течеле солзи.

„Сите што си поигруваат со нашите деца треба да се плашат од тие солзи“, рече додаде Наќевска.

Таткото на убиениот Александар, Горан Наќевски, побара премиерот Зоран Заев да биде стражарно приведен и го обвинија дека поради политички причини, иако ветил, не им ги дава имињата на петте функционери од ДУИ кои се дел од прислушуваните разговори. Наќевски додаде дека Заев веќе им покажал транскрипт од разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и ексградоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта.

„Сметаме дека во седиштето на СДСМ се наоѓаат тие материјали. Бараме да се изврши претрес бидејќи сметаме дека Заев манипулира и уценува“, рече таткото Наќевски.

Премиерот Зоран Заев пред неколку дена изјави дека пред речиси два месеца се видел со мајките и со семејствата на децата што беа жртви во петкрарното убиство кај Смилковското Езеро и заклучиле дека случајот треба да му се остави на судството.

Братот на обвинетиот Фејзи Азири во „Монструм“: Да се објави разговорот со Невзат Бејта

По рочиштето за случајот „Монструм“, Бејди Ајдари побара јавно да се објават снимките од разговорите меѓу брат му Фејзи Азири и ексградоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта. Тој додава дека ако разговорот е приватен, би било смешно да се објави.

„Посочи дека возилото ‘опел омега’ не е тоа чија слика е ставена на интернет, а исто така дека тој автомобил не е на „алфите“, туку на друга личност. Ако се сеќавате, јас не сум изјавил дека тој автомобил е на „алфите“. Сосема трето лице, односно Македонец е тој што изјавил дека автомобилот е на „алфите“ и дека бил приведен со него. Ако не е тоа- тоа, зошто претходниот суд не им го достави тоа како доказ на обвинетите? Зошто се крие автомобилот? Тоа е јасно. Горан Наќевски не се потруди да ја презентира сликата од разузнавачот. Чиј телефон бил тој, какви разговори имало, бидејќи, како што велеше, воделе паралелна истрага. Ни нам не ни е лесно“, вели Бејди Ајдари, брат на обвинетиот Фејзи Азири, кој не дојде на денешното рочиште.

Ајдари прашува по кој основ СЈО го презел случајот „Монструм“, односно додава дека тука има незаконски прислушувани разговори, а од нив ќе се откријат вистинските сторители.

Случајот „Монструм“ е одложен за 15 мај поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири, кој, според одбраната, бил хоспитализиран на пулмологија. На ова реагира обвинителката Фатиме Фетаи велејќи дека е несериозно отсуство на обвинет да се правда само со еден документ. Ова беше прво рочиште откако СЈО го презеде случајот за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.



Спонзорирани линкови

Маркетинг