Кончита Вурст, победничката на Евросонг 2014. година, на "Instagram" објавила дека е заразена со ХИВ вирус. На тоа, вели, била принудена откако нејзиното поранешно момче се заканило дека ќе ја обелодени таа информација.
"ХИВ позитивна сум многу години. Тоа е всушност ирелевантно за јавноста, но поранешното момче ми се заканува дека ќе ја објави таа лична информација, а јас никогаш нема да дозволам некој да ме заплашува или да влијае на мојот живот поради тоа", напишала Кончита и додала дека се лечи откако ја дознала дијагнозата и дека веќе со години вирусот е под количината која може да се детектира.
Кончита нагласила дека досега молчела за тоа од повеќе причини, од кои навела само две. Првата е нејзиното семејство, кое знае се и кое отсекогаш ја подржувало. Сакала да ги поштеди од јавните приказни за својата болест. Друга причина е поради тоа што смета дека таа информација е релевантна само за оние со кои би бил можен сексуален контакт.
Пејачката сега се надева дека со својот пример ќе охрабри и други и дека нејзиниот чекор ќе биде напредок против стигматизацијата на луѓето кои "поради своето однесување или однесувањето на другите се заразиле со ХИВ".