Лавров: Имаме непобитни докази дека хемискиот напад во Сирија е измислен

Макфакс

13/04/2018

16:27

1.598

Големина на фонт

а а а

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека наводниот хемиски напад во сирискиот град Дума, во кој загинаа најмалку 70 лица, бил лажиран со помош на странски шпиони.

Лавров рече дека руски експерти направиле увид на местото на наводниот напад во Дума, источно од Дамаск, при што не биле пронајдени никакви траги од хемиско оружје. Тој, исто така, рече дека Москва има непобитни докази оти станува збор за измислен напад.

Лавров рече дека разузнавачки агенции на земјата која сака да води кампања против Русија помогнале да се лажира хемискиот напад. Тој не даде детали за која земја конкретно станува збор, но според пишувањата на медиумите најверојатно мислел на САД или Велика Британија.

Трамп неодамна на „Твитер“ се закани дека ќе ја нападне Сирија поради хемискиот напад во Дума, што тој подоцна изјави дека може да се случи многу наскоро или не толку брзо. Белата куќа објави дека конечната одлука за Сирија сé уште не е донесена.

Британските министри изразија согласност дека нешто мора да се направи за да се спречи употребата на хемиско оружје во Сирија откако францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека располага со докази оти сириската влада извршила напад со хемиско оружје во Дума.

Лавров, исто така, рече дека дури и најмалата грешка во Сирија може да доведе до нов бран мигранти и додаде дека ултиматумите и заканите не помагаат во дијалогот. Инаку, Организацијата за забрана за хемиско оружје (OPCW) испрати тим експерти во Сирија, кои в сабота ќе ја почнат својата истрага за наводно користење хемиско оружје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг