Фракцијата на Кекеновски: Мицкоски со интерпелацијата покажа несериозност

Макфакс

12/04/2018

13:57

1.151

Големина на фонт

а а а

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики на адреса на Христијан Мицкоски коментирајќи дека интерпелација не се поднесува за да се зајакне позицијата на власта или кога поднесувачот нема доволен број гласови.

„Господине Мицковски, требаше некој претходно да ве научи дека опозицијата не поднесува интерпелација за да ја зајакне позицијата на владата и да ѝ даде дополнителен легитимитет, а себеси да се обезличи. Интерпелација не се поднесува за да се залечи и санира изгубениот владин кредибилитет, а да се наруши сопствениот. Интерелација не се поднесува кога поднесувачот нема доволен број гласови, и кога однапред знае дека истата е осудена на неуспех и кога истата нема да биде поддржана од другите опозициони партии. Знаете ли што направивте? Едноставно, покажавте несериозност, несигурност и недоследност на пратеничката група. Му дадовте одврзани раце на премиерот Заев во наредните месеци да прави онака како што замислил, и како никогаш досега, му дадовте шанса и можност на сметка на дезориентирана опозиција вешто да се изрекламира и да го санира изгубениот рејтинг. Ете, тоа е Вашата заслуга и бенефит за владата и за партиите на власт, кои ќе ви бидат благодарани уште долго време за овој ваш непромсилен гест и авантура“, се вели во соопштението чиј потписник е Јове Кекеновски.

Понатаму се додава дека Мицкоски јавно треба да му каже на членството оти тајно преговарал за пакетот реформски закони и дека дал свој придонес во подобрување на нивната содржина, како и согласност за нивно донесување.

„Наместо да поднесувате избрзана и однапред осудена на неуспех интерпелација кон наводниот ‘,ваш лут противник’, со асистенција на верните довчерашни слепи извршители на вашиот ментор и претходник, Вие требаше јавно да се оградите од искомпромитираните партиски личности и од досегашните водени криминални политики. Требаше да соберете сила и јавно во име на партијата да се извините и да побарате прошка од целата македонска јавност, како и од поединци за стотиците монтирани кривични дела од страна на претходното државно и партиско раководство, за безмислосниот прогон на партиските неистомисленици, за сето сторено зло и криминал, лаги и манипулации од поранешните и од сегашните нејзини членови“, смета фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Современото ВМРО ДПМНЕ, како што велат, не треба да бие туѓи битки, туку битката за Македонија, граѓаните и прочистување на партијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг