Коѕијас: Остануваат уште многу малку прашања, но тие се најтешките за решавање

Макфакс

12/04/2018

13:51

3.667

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, изјави дека постигнат е значителен напредок во преговорите и дека остануваат уште многу малку прашања, но тие се најтешките за решавање.

Коѕијас напомена дека во наредниот период уште неколкупати ќе се сретне со Димитров, конкретно на 3 и 4 мај во Солун, а потоа на 11 и 12 мај на самитот на ЕУ, каде што покрај разговорите за иднината на Европската Унија, ќе имаат нова рунда преговори за името.

„Денеска направивме позитивен чекор, имавме отворен разговор. Ние и понатаму ќе правиме обиди да ги решиме проблемите кои се поврзани со минатото и се создадени од некој друг“, рече Коѕијас.

Коѕијас упати благодарност до дипломатите од двете земји кои исто така имаа средба, при што истакна дека постигнале напредок во меѓусебниот однос. Поради временско ограничување, по изјавите на министрите не беа дозволени прашања.

Димитров: Разговаравме за временската рамка и начинот на имплементирање на решението

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров по средбата со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас изјави дека имале искрени и отворени разговори преку кои се постигнал планираниот напредок.

„Разговаравме за сите прашања и ставови кои ја прават разликата во спорот за името. Од денешната средба има напредок, но се уште постојат разлики и неусогласени ставови“ рече Димитров.

Тој истакна дека на денешната средба за прв пат се разговарало за временската рамка и чекорите како ќе се имплементира решението за проблемот со името.

„Ова беше разговор без мудрување и со меѓусебно разбирање. Разговаравме како да ги усогласиме ставовите и да ја најдеме добитната комбинација“ рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија информираше дека се одржала и средба на високи дипломати од двете земји кои успеале да го усогласат текстот за нивна соработка во различни области, меѓу кои е и спречување на ирединтизмот од двете страни. Димитров кажа дека премиерите на Грција и Македонија ќе бидат известени за оваа средба и дека во наредниот период се очекува заедничка средба со Заев и Ципрас. Поради временско ограничување, по изјавите на министрите не беа дозволени прашања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг