По шест години од петкратното убиство на Смилковско Езеро, судскиот процес на почеток

Макфакс

12/04/2018

11:48

6.264

Големина на фонт

а а а

По шест години од петкратното убиство кај Смилковско Езеро кое се случи на денешен ден, судската постапка тапка во место.

На 12 април 2012 година покрај Железарското Езеро кај селото Смилковци рибари ги пронајдоа телата на четирите момчиња Александар Наќевски, Киро Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и 45-годишниот Борче Стефковски.

На 19 февруари оваа година обвинетите добија доживотни казни затвор, за потоа Врховниот суд да утврди серија пропусти во водењето на постапките и да ги укине пресудите. По оваа одлука, предметот е вратен на судење од почеток. Највисокиот суд ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост, односно да не смеат да го напуштат градот во којшто живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1. Меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се активни, иако тие со години се на Косово. Тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција бидејќи тврдеа дека не биле доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.

Кон петте лица кои беа убиени кај Смилковското Езери било пукано од три типа огнено оружје, а беа пронајдени три различни видови муниција, што укажува дека има повеќе од еден извршител на чинот, покажа истрагата. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога беа најдени телата на убиените.

„Монструм“ доби нов тек откако лидерот на СДСМ и сегашен премиер, Зоран Заев, најави бомби, односно прислушкувани разговори кои ќе го расветлат случајот. Родителите и роднините на убиените сè уште очекуваат да ги слушнат разговорите, а истите се во СЈО, каде се води постапка. За една недела ќе почне судењето пред нови обвинители, а ќе бидат презентирани и снимки од прислушувани разговори.