Судот ќе сослушува сведоци на судењето за обидот за убиство на Зијадин Села

Макфакс

10/04/2018

09:51

1.350

Големина на фонт

а а а

За денеска во кривичниот суд е закажано рочиште во предметот за обвинетите за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села.

Поканети да сведочат се претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот Дамјан Манчевски и пратеникот Александар Кирацовски. Овие сведоци, покрај исказот, би требало да препознаат и дел од обвинетите кои го претепаа Села. Тие беа присутни во прес-салата каде што се случи крвавиот настан. Како што објави „Макфакс“, и премиерот Зоран Заев е повикан како сведок на судењето за обидот за убиство на Зијадин Села.

Предлогот дошол од еден од адвокатите на одбраната по дел од изјавите на Заев дадени во јавноста и медиумите за овој настан кој се случи на 27 април 2017 година во законодавниот дом. Судијката Славица Андреевска, која го води предметот, за месецов закажа 5 рочишта кои, покрај денешното, ќе се одржат на 16, 18, 25 и 27 април.

Пред кривичниот суд досега за крвавиот четврток во Собранието сведочеа неколку сведоци, меѓу кои и Села, а на последното рочиште новинарка препозна неколкумина од напаѓачите, посочувајќи ги директно во судницата. За овој случај обвинети се вкупно десетмина и тоа: Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески-Кобра, Кире Ѓоргиевски и Цене Ѓоргиевски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг