Министерството за одбрана првпат објавува јавен повик за распределба на средства за финансиска поддршка на проекти на здруженија на граѓани и фондации.
„Средствата се одобрени во буџетот на Министерството за одбрана и ќе се користат за финансиска поддршка на проекти што имаат за цел афирмација на процеси и вредности од важност за државата и за Министерството. Тоа се евроатланските интеграции на Република Македонија, популаризација на службата во АРМ, зголемување на транспарентноста во одбраната, како и придонеси во креирањето на одбранбената политика и реформите во одбраната, и значењето и улогата на родовите перспективи во оваа сфера“, соопшти Министерството.
Право на учество на јавниот повик имаат здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија кои ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик. Вкупниот износ на средства кои се одобрени изнесува 3.000.000 денари.
Распределбата на средства ќе се спроведува согласно добрата практика за обезбедување финансиски средства утврдена во Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации.
Изборот на корисници ќе се изврши врз основа на критериуми од Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации, како и врз база на посебни критериуми за бодирање на предложени проекти.
„Доделувањето на такви средства во изминатите години се вршеше преку директни средби и договори, и сегашниот јавен повик е прв од таков вид кој овозможува транспаретност во распределбата на средствата, како и еднакви шанси за сите заинтересирани корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови“, велат од МО.
Барањето и образецот за пријавување се објавени на вебстраницата на Министерството за одбрана www.morm.gov.mk.