Заев на средба со претставници на Светската aтлантска aсоцијација

Макфакс

04/04/2018

16:38

1.153

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев денеска ги прими проф. Фабрицио В. Лучиоли, претседател на Светската атлантска асоцијација (АТА) и делегација на Евро-атлантскиот совет на Македонија (АТА Македонија) предводена од претседателот Исмет Рамадани.

На средбата присуствуваше и Стево Пендаровски, национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО и државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ.

Претставникот на Атлантската асоцијација (АТА), Лучиоли, во разговорот со премиерот Заев, заблагодарувајќи се на гостопримството, потенцираше дека во Македонија е дојден да ја изрази поддршката и порача дека Македонија заслужува да биде дел од евро-атлантските структури. Лучиоли, кој е експерт за безбедност, рече дека НАТО има потреба од нова енергија и порача дека е потребно Република Македонија да остане посветена да го одржи континуитетот на процесите кои веќе една година забрзано ги исполнува. Тој го истакна придонесот на Македонија во операциите, мисиите предводени од НАТО, оценувајќи ги како важен дел за безбедноста на државата, за регионот и пошироко.

Премиерот Заев, честитајќи го Денот на НАТО, кој денеска се одбележува со повеќе активности во државата, ги информираше гостите дека Владата со поддршка на граѓаните и меѓународните партнери го трасира и не отстапува од патот за интеграција на земјава во Северно-атлантската алијанса и ЕУ. Истакнувајќи дека над 75 проценти од граѓаните на Македонија посакуваат членство во ЕУ и НАТО, премиерот Заев се заблагодари за севкупната поддршка кшто ја даваат особено организациите како АТА, кои не се политички организации, но вршат ширење на идејата за зајакнување на безбедноста на сите држави на континентот, со посебен акцент на јакнење на пријателските односи со соседите.

„Овој период е вистински момент, кој треба да го искористиме за што побрзо влегување во НАТО, како 30. членка, и ние сериозно се надеваме на тоа“, рече Заев. Во таа насока, премиерот Заев истакна дека исполнувањето на планот 3-6-9 за спроведување на итните реформски приоритети во судството, медиумите, борбата против корупцијата, во јавната администрација, како и во изборното законодавство, се важни за резултатите во евроинтеграциите, но истовремено се значајни и за влез во НАТО.

На средбата се разговараше и за реформите во делот на доброто владеење и владеење на правото, реформите во одбраната, во делот на можноста за идно зголемување на буџетските средства за одбраната, како и зголемено учество на Македонија во меѓународните мировни мисии.



Спонзорирани линкови

Маркетинг