Андоновски: Дарко Каевски да не бега од одговорност и да си поднесе оставка

Макфакс

03/04/2018

15:58

1.974

Големина на фонт

а а а

Граѓаните очекуваат оставка од директорот на Агенцијата за млади и спорт. Недоличните творби промовираат сексизам и шовинизам, шират говор на омраза и примитивизам, порача Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Бледите обиди да се избегне одговорност не можат да го спасат Каевски. Согласно Законот за издавачка дејност во чл.4 ст.1 издавачот мора да има уредник кој е одговорен за целокупната издавачка продукција. Според ст.2 од истиот член, уредникот е тој кој врши избор на публикации за објавување, прибавува и дава стручно мислење за публикацијата и е одговорен за квалитетот на истата.

Уредник на ова дело е Дарко Каевски, па така целосна одговорност за содржината на истата ја има тој и никој друг. Дополнително чл.5 во ст.1 од истиот закон регулира дека пред издавањето на публикацијата издавачот заедно со авторот на делото и со другите лица кои учествуваат во изработката на публикацијата склучува договор со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.

Каевски не може да избегне одговорност. Каевски покрај моралната мора да сноси и политичка одговорност. Каевски е прв човек на институцијата која ја финансирала и пуштила во промет оваа збирка. Каевски е директорот на институцијата која ги пушти овие таканаречени творби во промет, а збирката се делеше во дневните весници во текот на викендот и вчерашниот ден.

Каевски мора да си даде оставка, и да биде за пример за секој еден носител на јавна функција кој со парите на граѓаните ќе финансира сексизам, шовинизам и говор на омраза дека ова е недозволиво. Пример дека е недозволиво омаловажување на писателската фела и сквернавење на македонскиот јазик.

Дарко Каевски мора да одговори и колку пари за објавување на оваа книга се исплатени? Исто така прашуваме дали ќе ги врати парите кои се дадени за печатење на книгата во Буџетот на Република Македонија?

Одговорност мора да има. Дарко Каевски за само 10 месеци ја уништи Агенцијата за млади и спорт. Дарко Каевски за 10 месеци нема ниту еден проект за доброто на младите во оваа држава. Дарко Каевски и СДСМ не се решение. Граѓаните заслужуваат подобро“ се вели во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг