ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Алаѓозовски за „скандалозната програма“

Макфакс

20/02/2018

12:27

1.280

Големина на фонт

а а а

Националната годишна програма за култура за 2018, потпишана од министерот Роберт Алаѓозовски, во музејската дејност и во заштитата на нематеријалното културно наследство ја покажува целата непрофесионалност која владее во ова министерство.

Национални установи – музеи се маргинализирани, безмалку сите се со намалени буџети од претходната година, а на нивна сметка се афирмираат анонимни здрженија за кои јавноста ништо не слушнала или, пак, за нив има оскудни информации, изјави денеска Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој реагира на одлуката за Музејот на македонската борба за државност и самостојност, во којшто се организираат од 150 до 200 настани во годината, да бидат издвоени само 220.000 денари. „Од друга страна, пак, анонимни здрженија на граѓани добиваат по два, три или петпати повеќе средства за своите активности. На пример, Здружението за спорт, култура и, внимавајте, екологија Солеина – Тетово од Министерството за култура поддржано е со вкупно 600.000 денари за промотивен караван на Мал музеј на Зекирија Алији и Евиденција на истите музејски експонати. Мултиетничкото здружение за култура и уметност Комбајн арт колектив – Тетово добило 300.000 денари за експериментално – едукативна филмска работилница. Здружението за развој на општеството и, внимавајте, животна средина Акта нон верба – Скопје за Монографија на документи, фотографии и сведоштва за албанските католички семејства во Скопје поддржано е со 600.000 денари“, вели Вељановски.

Тој прашува под кои критериуми Министерството за култура ги избрало членовите на Комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство? Дали членовите на комисијата се носители на некои од проектите што ги одобрила комисијата?Дали претседателот на Комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, Мила Шурбановска е носител и раководител на проектот Археолошки истражувања на локалитетот Стакина чешма – Бакновка, проект на Националната установа „Археолошки музеј Скопје“, за чија реализација комисијата доделила 200.000 денари?

„Како и според кои критериуми Комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство проценила дека за Елаборат за валоризација на двогласното албанско полифоно пеење од Кичевскиот Регион, проект на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците –Скопје доделила 150.000 денари, иако Институтот побарал 130.000 денари, а за Елаборат за валоризација на традиционалното влашко пеење во Република Македонија, проект на Институтот за фолклор ‘Марко Цепенков’ од Скопје доделила само, внимавајте, 20.000 денари?“, вели Вељановски.

ВМРО-ДПМНЕ, поради недобројливите пропусти, на што секој ден реагира македонската културна јавност од сите дејности во културата, бара под итно да биде повлечена Националната годишна програма на Министерството за култура за 2018. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ поради изготвување и објавување на ваква скандалозна годишна програма, очекува од министерот за култура да понесе полна морална и политичка одговорност!