Бектеши: Трговската размена со Турција бележи раст, добредојдени се инвестиции во стратешките сектори

Макфакс

07/02/2018

14:41

1.255

Големина на фонт

а а а

Република Турција е значаен трговски партнер на Република Македонија и се наоѓа на 8. место за периодот јануари – ноември 2017 и во 2016 година, а вкупните турски инвестиции во Република Македонија изнесуваат 1,2 милијарди долари и претставуваат 35% од вкупните странски инвестиции, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, на вчерашната седница на Управниот одбор на македонско-турската стопанска комора МАТТО, каде тој е почесен претседател од македонска страна.

„Посветено се работи на градење стабилна и предвидлива бизнис-клима за да можете вие и вашите компании да креирате деловни развојни планови, но и да влегувате во нови инвестиции без одолговлекување и неизвесност. Поради традиционално добрите трговски односи кои ги имаме со Турција, одличните примери за успешно работење кои ги покажавте со досегашните инвестиции во Македонија, како и економскиот и инвестиционен потенцијал на вашата земја, сакам да напоменам дека посакувани и добредојдени се инвестиции во стратешките сектори, како што се: производство на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, потоа бизнис-услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енргетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура“, им порача Бектеши на членовите на управниот одбор на МАТТО.

Бектеши истакна дека успехот што ќе го постигнат приватните компании и бизнисот е огледало на успехот на владините економски политики, информирајќи ги стопанствениците и за неодамнешната официјална посета во Турција каде што со турскиот колега Нихат Зејбекџи ја потпишаа одлуката на Мешовитиот комитет по Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Турција, која има за цел продлабочување на билатералната економска соработка и поттикнување на трговијата, која во последните години бележи раст. Тој објасни дека со ова се создаваат идентични услови во примената на правилата за потекло и ќе важи за земјите членки на ЕУ, за оние ЦЕФТА земји кои ја применуваат Спогодбата за стабилизација и асоцијација и ЕФТА државите.

Министерот изрази уверување до стопанствениците дека Министерството за економија ќе биде сервис за деловната заедница, вклучувајќи ги и 62-те македонски и турски компании, членки на МАТТО, и ќе ги поддржи секогаш кога ќе имаат потреба.



Спонзорирани линкови

Маркетинг