Центарот за граѓански комуникации денеска го објави извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јануари – јуни 2017 година.
Меѓу клучните наоди од мониторингот се издвојуваат тендерите со апсурдни цени од 0,01 денари, што, како што е наведено во извештајот, го зголемува ризикот од можни манипулации во реализацијата на тендерот.
„Во тендерите што беа предмет на мониторинг во првото полугодие од 2017 година, договори со цени на услугите од 0,01 денари беа склучени за набавка на услуга од мобилен оператор и за услуга од маркетинг-агенција за маркетинг-поддршка, а цена од 0,01 отсто за услуга за ангажирање авторска агенција преку која ќе се реализира исплатата на авторски надоместоци. Притоа во набавката на услуга од мобилен оператор цената од 0,01 денари е добиена за минута разговор кон сопствената мрежа, кон другите национални мобилни и фиксни мрежи по надминување на вклучените бесплатни минути за линиите во предвидените пакети и е доставена од два мобилни оператора на првичното доставување на понудите. Притоа двата понудувача ја дале најниската можна цена со оглед на тоа што во тендерската документација за оваа набавка е наведено: ‘Понудената цена, која ќе биде предмет на електронската аукција, не смее да содржи повеќе од две децимали и најниска можна понудена вкупна цена на листата без ДДВ е 0,01 денари. Секоја понуда што нема да ги задоволи овие услови ќе се отфрли како неприфатлива’“, пишува во извештајот.
Она што е особено проблематично во мониторираниот тендер за набавка на услугата од мобилен оператор, стои во извештајот, е дека на огласот што е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки во 10.02 часот првата понуда стигнала во 10.10 часот, а втората во 10.38 часот.
„Со оглед на тоа што и двата мобилни оператора доставиле цена од 0,01 денари во согласност со условите наведени во тендерската докуменатација: ‘Доколку две или повеќе понуди имаат иста цена, за најповолен понудувач ќе биде избран оној што прв ја поднел понудата, за најповолна е избрана прводоставената понуда’. Можноста за 8 минути да се достави понуда во електронски водена постапка, иако е крајно нереална, не е оспорена ниту од доставувачот ниту од конкурентот. Останува нејасно како е можно за 8 минути да се прочита тендерска документација од 32 страници, да се направат пресметки за најниската цена за 4 тарифни модели наменети за 1.568 мобилни претплатнички линии, да се пополни образецот на понудата, да се пополни листата на цени и рокови за извршување и да се потпишат изјавите за сериозност на понудата и за независност на понудата од надлежните лица“, се вели во извештајот.
Следниот тендер во кој е постигната цена од 0,01 денари е за набавка на услуги од маркетинг-агенции. Првичните цени доставени за оваа услуга од страна на три фирми се движеле од 110 илјади до 484 илјади денари. На е-аукција, која траела 1 час и 20 минути, најниската цена од 110 илјади денари е намалена на 0,01 денари.
„Договорот склучен по оваа цена значи дека за 0,01 денари фирмата што го добила тендерот ќе треба да нуди креативни решенија, да наплатува агенциска провизија за закупување медиумски простор и да реализира маркетинг-кампања“, стои во извештајот.
Третиот ваков евидентиран случај е за набавка на услуги од авторска агенција, а цената исто така е постигната на е-аукција кога првично шесте агенции што учествувале на овој тендер доставиле понуди од 1,20 до 3,98 отсто. По спроведената е-аукција, договорот е склучен со понудувач што ќе наплатува провизија за извршената услуга од 0,01 отсто.
„Во сите три случаи договорите се склучени без да се примени член 163, став 1 од Законот за јавните набавки, каде што се вели: Доколку одделна понуда содржи невообичаено ниска цена која е значително пониска од реалната пазарна цена, што предизвикува сомнеж дека договорот ќе биде извршен, договорниот орган од понудувачот бара во писмена форма и пред одбивање на понудата детали за понудата за кои смета дека се важни и ги проверува доказите што биле доставени за оправдување на цената на понудата“, се наведува во извештајот.