Северна Кореја самата се прогласила за нуклеарна држава и не и е потребно признавање од Западот како услов за преговори за решение на Корејскиот проблем, рекол шефот на делегацијата на руската Дума по враќањето од Пјонгјанг, изразувајќи уверување дека Северна Кореја е подготвена за преговори, но со посредство на Русија.
На Пјонгјанг не му е потребно признавање од Западот. Северна Кореја одамна се смета себеси за нуклеарна држава. Покрај тоа, откако ја изведоа најновата ракетна проба, тие веруваат дека достигнале еднаквост со САД, рекол координаторот на групата руски пратеници за односи со парламентот на Северна Кореја, Казбек Таисајев.
Тој го навел тоа во коментарот на неодамнешните наводи дека Северна Кореја го поставува признавањето на својот нуклеарен статус како услов за преговори.
Таисајев истакнува дека Северна Кореја "не верува на никого освен на Русија".
"Во 2016-тата година, севернокорејските власти и нивниот лидер Ким Јонг Ун, беа подготвени да сопрат со тестовите, но САД и Јужна Кореја продолжија да изведуваат воени вежби и да ја провоцираат Северна Кореја со својата реторика. Сепак, имам чувство дека се подготвени за преговори ако добијат гаранција дека никој нема да ги нападне", рекол тој.
Таисајев укажал на тоа дека Северна Кореја ги гледа активностите на Сеул и Вашингтон во близина на своите граници "како директна закана по својата безбедност".
Делегација на Групата за пријателство при руската Државна Дума на чело со координаторот Казабек Таисајев, престојувала во посета на Северна Кореја, на повик на парламентот на таа земја, од 27-ми ноември до денес.
Според зборовите на Таисајев, во текот на посетата, руската делегација имала разговори во севернокорејското Врховно народно собрание, Министерството за надворешни работи и Централниот комитет на Работничката партија.
"Сите состаноци се одржани во пријателска атмосфера, без никакви забранети теми", заклучил шефот на руската парламентарна делегација.