Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно на Твитер го критикуваше севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун после најновото тестирање на балистичката ракета на Пјонјанг.
„Кинескиот претставник кој штотуку се врати од Северна Кореја, се чини дека немал никакво влијание врз малиот Rocket Man“, напиша Доналд Трамп на својот профил на Твитер, алудирјаќи на севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун.
Тој додаде дека е „тешко да се поверува дека неговите луѓе и војска се помируваат со нивниот живот во такви ужасни услови“ и нагласи дека и Кина и Русија го осудиле последното лансирање на балистичката ракета.
Северна Кореја на почетокот на неделата ја лансираше својата најнапредна ракета досега која што од Пјонгјанг тврдат дека може да долета до американското копно.
Како што пренесува новинската агенција "AP", Доналд Трамп ветил дека ќе ја спречи Северна Кореја да оствари способност да го погоди американското копно со балистичка ракета, а ако биде потребно, за да го оствари тоа ќе употреби и воена сила против режимот од Пјонгјанг.
„Ројтерс“ пренесува дека САД претходо денес го предупредиле раководството на Северна Кореја дека таа земја ќе биде целосно уништена доколку дојде до војна. Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли на итно свиканата седница на Советот за безбедност при ОН, порача дека САД никогаш не сакале војна со Северна Кореја.
„Ако дојде до војна, тоа ќе биде поради континуираните акции на агресија каква што можевме да видиме во вторникот. А, ако дојде до војна, нема грешка, севернокорејскиот режим ќе биде целосно уништен“, порача Ники Хејли.