„Минатата недела разгледувајќи ги дејствијата за кои сум обвинет сакам да изјавам дека се чувствувам виновен и се каам за делото“, изјави петтобвинетиот Јордан Ристевски, поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за втор обвинет во насилството во Центар кој призна вина. Адвокатот Боро Тасевски му го откажа полномошното на обвинетиот којшто ја призна вината.
Обвинителката Фатиме Фетаи бара за него по признанието на вина да се раздвои постапката и судењето да продожи денес. Иако нема адвокат, одбраната за ова дело не е задолжителна.
Во случајот „Насилство“ се обвинети Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште 10 лица за насилство пред Општина Центар во 2013 година. На претходното судење судијката одлучи да се раздвои постапката за обвинетиот Димче Крстев, кој беше донесен во судот со полиција бидејќи, како што рече, немал адвокат, а се пожали и на здравствени проблеми.