Заев на средба со МАТТО: Соработката со Турција е значајна, градиме стабилна бизнис клима

Макфакс

22/11/2017

16:44

1.440

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и советниците за економија, здравство, енергетика и земјоделство, денеска оствари средба со Претседателот на МАТТО, Стопанската комора на Македонија и Турција, Ајдован Адемоски, кој на средбата беше придружуван од високи претставници на раководството на комората.

На средбата беше изразено силно уверување дека соработката помеѓу Република Македонија и Турција во периодот што следува ќе се интензивира, и во таа насока ќе се работи на зголемување на трговската размена помеѓу двете земји, но и на нови инвестиции кои се важни за економскиот раст.

„ Успехот во работењето на новата Влада го гледаме преку успехот што ќе го постигнуваат приватните компании и бизнисот. Наша цврста определба е да работиме како ваш сервис, да ги решаваме проблемите, но и да ги отвораме перспективите за нови инвестиции и развој на вашите бизниси. Веруваме дека ако бизнисот оди напред, ќе се отвораат шансите за квалитетен животен стандард на сите граѓани. Владата на Република Македонија посветено работи на градење на стабилна и предвидлива бизнис клима за да можете вие и вашите компании слободно да планирате, да градите стратегии но и храбро да влегувате во нови инвестиции“ – порача премиерот Заев.

Toj посочи дека постои голем интерес за поволностите и поддршката што Владата на Република Македонија ги обезбедува во планот за економски раст еднакво и за домашните и за странските инвеститори, и во таа смисла ги повика и пристуните претставници на комората, воедно и докажани директори и менаџери на големи компании во земјава, да влезат во нови инвестиции за кои ќе добијат силна помош и поддршка од државата.

Претставниците на МАТТО Стопанската комора на Македонија – Турција дадоа поддршка на економските политики и изразија очекувања за плодна соработка во иднина.

Заев уште еднаш ја нагласи важноста од интензивирање на економските релации и соработка со Турција и порача дека Владата на Република Македонија посветено ќе работи во тој правец.



Спонзорирани линкови

Маркетинг