Возилото кое изгледа како детска играчка би можело да стане дел од човековата иднина.
Тојода Госеи, јапонскиот произведувач на гумени, пластични и ЛЕД делови за автомобили, го претстави концептот “Flesby II” кој е отпорен на удари.
Салоните за автомобили без исклучок претставуваат новитети на полето на автомобилската индустрија, но сепак нема многу футуристички концепти од ваков тип.
Возилото кое јапонската компанија го претставила како нешто кое ќе се гледа на улиците околу 2030 година привлекло најголемо внимание, пишува порталот Caranddriver.com.
Станува збор за моделот “Flesby II”, кој благодарение на специјалната заштита, е отпорен на удари. Според зборовите на претставникот на компанијата, при изработката на Flesby била користена гума која го менува својот облик. Таквиот материјал го штити надворешниот (и секако внатрешниот) дел од возилото од удари за разлика од воздушните перничиња кои се традиционално во внатрешноста на автомобилот.
“Ги распоредивме воздушните перничиња кои се обично во внатрешноста, по надворешните делови на возилото, со цел да го заштитиме телото на автомобилот”, истакнал Такаши Ишикава од компанијата и додал дека гумените делови можат електронски да се поместуваат и потполно да го изменат обликот на автомобилот.
Идејата за ваквиот автомобил се родила уште во 2013 година.