Во изборната програма за Битола немаме ветувања туку имаме проекти, реални планови со конкретен буџет и рокови. Во нашиот фокус се првенствено младите луѓе кои ќе ги задржиме во Битола со обезбедување работа, пристоен дом и квалитетни услови за живот, порача кандидатот за градоначалник на Битола од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски.
„Инвестициите во индустриската зона „Жабени“ ќе бидат главниот мотор за локалниот економски развој на Битола. Поранешната битолска Касарна во следните четири години ќе доживее градежна експанзија. Ќе изградиме и асфалтираме уште три нови улици, ќе биде изградена атмосферска канализација за 13 улици, а блоковите АРМ 1 и АРМ 2 ќе добијат нова нисконапонска кабловска мрежа и улично осветлување“. Предвидувам и донесување на Генерален урбанистички план. Во идниот мандат наместо нови населби за мигранти, ќе создадеме услови за нови евтини куќи за нашите деца.
Општината ќе субвенционира и 50% од вредноста на секој купен велосипед од граѓаните, во износ до 4.000 денари. Нема откажување и од проектите Гасификација и Топлификација. Ќе започнеме со изградба и на Пречистителна станица и Колекторски систем како и нов Откупен центар за земјоделски производи – Сточен и кванташки пазар надвор од градот. Со еден милион евра ќе ја реконструираме зградата на Офицерски дом, а ќе се модернизира и реновира зградата и опремата на Територијалната противпожарна единица.
Ќе формираме нова Патронажна служба, за нега и помош на стари лица и лица со посебни потреби во домашни услови.
Идниот градоначалник на Битола треба да биде успешен, докажан, одговорен, умерен, почитуван и домаќин човек кој добро ги познава работите во локалната самоуправа. Тоа и ќе се потврди со победа на 15-ти октомври, нагласи Илиоски.