На првиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ денеска во скопски Бутел пред мештаните се обрати и актуелниот и кандидат за иден градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. Тој им се заблагодари на граѓаните што во голем број дојдоа за да ѝ дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
– Работите говорат за една личност, резултатите сведочат за посветеноста кон работата, за соработката и за неговата отчетност. Сакам да потенцирам дека на 15 октомври ќе извојуваме една голема победа на овие локални избори и ве повикувам масовно да излезете, но претходно да ги видиме и да се насочиме кон програмите на градоначалниците и нивната работа и нивниот отчет по сработеното, а не да се насочиме кон обвинувања и клевети – изјави Трајановски.
Тој напомена дека како роден скопјанец одлично го познава Скопје, дека работи посветено за да ги намали своите недостатоци и дека работи на своите предности.
– Секојдневно живеам со проблемите со кои се соочуваат жителите на Скопје и вие знаете дека сум постојано достапен до вас или за вас, за граѓаните на Бутел, за граѓаните на Скопје. На локалните избори во 2009 и 2013, вие почитувани граѓани на Бутел и на градот Скопје, ми ја дадовте довербата да бидам градоначалник на Скопје, тоа за мене е огромна чест, но и голема одговорност, да го исполнам ветеното што беше упатено до вас. Денес упатувам искрена благодарност и до вас жителите на Бутел, кои исто така ми дадовте огромна поддршка во 2009 и 2013 година – изјави Трајановски.