Бутел е бастион на Македонија, тука живеат чесни и храбри луѓе со високо изградено национално чувство и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ никогаш не доживеала пораз и мештаните препознаваат кој ги штити интересите на македонскиот народ, изјави на вечерашниот митинг во Бутел кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски.
„Да ја сакаш Македонија, значи да се трудиш од неа да направиш поубаво и посигурно место за живеење. Бутел особено го заслужува тоа, тука сум роден и тука ќе живеам засекогаш и како иден градоначалник, без штедење, ќе дадам сѐ од себе да го направам подостојно место за живеење. Ова е мојата програма и визија за Бутел, модерна програма, која е остварлива и содржи 88 проекти за Бутел, нова ера за нашиот Бутел. Некои од проектите се изградба на два ултрамодерни парка, со фонтани, клупи и шеталишта. Заедно со градот Скопје целосно ќе ги раззелениме коритото и кејот на реката Серава, ќе изградиме две нови градинки, жителите ќе добијат и нова поликлиника во Бутел, а нашата програма содржи и 20 проекти наменети за спорт, а некои од нив се следни: во секое населено место ќе се изградат игралишта, како и фитнес-зони, а ќе се изгради и спортска сала во Бутел 2“, истакна Костовски.
Тој додаде дека ќе има и посебни проекти во спортот за лицата со посебни потреби.
„Ќе се изградат и фекални канализации во индустриските зони Расадник и Љуботенски Пат, ќе се доврши фекалната канализација во Љубанци, а ќе се асфалтираат и сите неасфалтирани улички. Максимално ќе се вложам да се реши проблемот и во Кучевишка Бара за нова ера во Бутел“, рече Костовски.
Тој ги повика сите да гласаат за советничката листа на Бутел, како и за градоначалникот на градот Скопје, Коце Трајановски.