Милан на крајно драматичен начин славеше победа над Ријека во судиското надополнување од мечот кој се одигра на „Сан Сиро“ (3:2), но сепак многу поинтересно за медиумите беше во подтрибинскиот простор, односно во прес-салата каде Винченцо Монтела добил прашање на посебно актуелната тема во Италија.
Името на Карло Анчелоти сериозно почна да се поврзува со Милан откако искусниот италијански стручњак заработи отказ во Баерн Минхен, а бидејќи во изминативе неколку дена се вршеа притисоци и за работата на Монтела во Милано, новинарите директно го запрашаа Винченцо што мисли за вакво можно сценарио.
– Анчелоти е личност која многу ја почитувам. Тој беше човекот со кого прв разговарав на почетокот на мојата тренерска кариера. Карло тогаш работеше во Челси и ми понуди да му бидам негов помошник. Сега, ако сака да се врати во Милан, може да биде мој помошник, – низ смеа истакнал Монтела кој со ваквата своја изјава стана хит меѓу домашните медиуми.