Спротивно на законот, министерот Љупчо Николовски разреши и прераспредели над 50 вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Сето тоа се случи исклучиво за да ги задоволи своите партиски и политички причини и да испразни место и да ги стави негови партиски послушници, рече Миле Јакимовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
„Што е толку итна таа операција да се прави во период во кој се распишани изборите и кога во сила е мораториум за вакви одлуки што може да влијаат врз гласачите, а со самото тоа да влијаат врз избирачкиот процес. Да биде иронијата поголема, некои од овие лица се распоредени и надвор од местата на живеење, а на нивно место се назначени партиски кадри на СДС, спротивно на Законот за администрацијата и спротивно на Изборниот законик“, нагласи Јакимовски.
На политички подобните лица, како што рече Јакимовски, министерот за земјоделство им додели овластувања за раководни позиции и државни средства на располагање иако за тоа немаат потребни квалификации и работно искуство, кое е предвидено со позитивните законски прописи.
„СДС мора да престане со злоупотреба на власта и институциите. Воедно, ги повикуваме сите домашни и странски организации кои се задолжени за следење на избирачкиот процес да го испитаат овој настан. Народот и земјоделците одамна го прочитаа СДС, меѓутоа нема да им помогнат и овие незаконски притисоци за казната што ги очекува на 15 октомври. Ваквиот вид заплашување на државната администрација ќе биде контрапродуктивна“, заврши Јакимовски.