„Транспортер“ одложен, не дојде една од обвинетите

Макфакс

28/09/2017

13:02

923

Големина на фонт

а а а

Првото рочиште за случајот „Транспортер“ денеска се одложи бидејќи не дојде една од обвинетите. Адвокатите на битолскиот градоначалник Владимир Талески доставија нови докази за случајот „Транспортер“, кои сè уште не се споени со предметот. На 6 ноември е закажано следното рочиште.

„Струмица и Куманово имаат поскап превоз на ученици од Битола“, изјави градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Според него, обвинението е политичко. За новите докази кои ги достави до судот новинарите ги упати кај адвокатите.

Денеска беше првото рочиште за случајот „Транспортер“ во кој првообвинет е битолскиот градоначалник Владимир Талески. СЈО кон крајот на април поднесе обвинение за овој случај, но поради фактот што дел од обвинетите одбивале да ги примат поканите, судењето е закажано за септември.

Обвинението е за злоупотреба на буџетски пари во вредност од 360.000 денари поради незаконски организиран автобуски превоз. Талески, како и претседателот на Комисијата за јавни набавки, во договор со директорите на училиштата и раководните лица на неколку превозни компании се обвинети дека организирале превоз за учениците во општината, за кој од СЈО на тематската прес-конференција рекоа дека бил „поскап и од оној во Токио“.

СЈО за 11 лица достави предлог за притвор, а беше побарана и забрана за располагање со имот, како и конфискација за 3 стана, 6 патнички возила и 33 автобуси.

Минатата година кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 му изрече на Талески домашен притвор, кој двапати беше продолжуван. По три месеци поминати во куќен притвор, Апелациониот суд во Скопје ја укина оваа мерка и досуди поблага мерка на претпазливост, односно нему му беше наложено секој понеделник и петок да се јавува во битолиот суд. Минатата недела полицијата достави нови докази до битолското обвинителство за исти злоупотреби на превозот на ученици.