„Како кандидат за градоначалник на Гостивар ќе се вложам Гостивар да прерасне во eвропски модерен град, уреден и опремен за достоинствен живот, во духот на традиционалните вредности, прекрасно место за живеење, каде што сите ќе ја планираме нашата иднина и иднината за нашите поколенија“, изјави Дафина Стојаноска, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за општина Гостивар.
Таа вели дека го гледа Гостивар по 4 години како град во кој ќе се креираат можности за просперитет, во духот на меѓуетничкиот соживот, меѓусебна почит и толеранција. Град во кој ќе се споделуваат заеднички вредности, без разлика на верска или национална припадност. „Град во кој различностите ќе бидат наша гордост, темел и гаранција за заедничкиот успех. Ќе настојувам заеднички да ги негуваме мирот и стабилноста, сплотени во едно и со една цел: искористувајќи ги ресурсите и поволната географска местоположба – за што поголем економски развој и просперитет на сите нивоа, започнувајќи од основните побарувачки, па сè до најсовремените можности и потреби на заедницата во град Гостивар“, вели Стојаноска.
Нејзина главна цел ќе биде: зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните, но и подобар и поквалитетен живот и одржување добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, и подеднаков третман на сите пред законот.
„Како градоначалник, ќе инвестирам во помодерно образование, иновации и информатичка технологија, како и во креирање меритократско општество, базирано на талент, знаење и вредности. За таа цел ќе се реализираат голем број политики на локално ниво, мерки и проекти кои ќе придонесат за остварување на стратешките приоритети за Гостивар“, додава таа.