Германската канцеларка Ангела Меркел реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Северна Кореја ќе биде „целосно уништена“ доколку им се заканува на САД или на нивните сојузници.
– Не ја поддржувам таквата закана. Сметаме дека секое воено решение е сосема несоодветно и ги претпочитаме дипломатските напори. Според мене, тоа се санкциите и нивното спроведување. Сè друго во врска со Северна Кореја го сметам за погрешно, изјави Меркел во интервју за „Дојче веле“ додавајќи дека разговарала телефонски со Трамп пред неговиот говор во ОН.
Меркел нагласи дека Германија е подготвена да придонесе за решавање на кризата со Северна Кореја.
– Иако овој конфликт е просторно далеку од Германија, сепак, тој не засега и нас. Затоа, јас и министерот за надворешни работи сме подготвени да ја преземеме одговорноста за ова прашање, рече Меркел.