Во 2008 година, кога ние го работевме законот за јазиците со група пратеници, СДСМ реагира и тврдеше дека законот е неуставен, а сега вицепремиерката Радмила Шекеринска му стави европско знаменце, рече пратеникот од ВМРО-ПДМНЕ, Трајко Вељаноски, на денешната дебата за предлог-законот за употреба на јазиците.
„И во 2008 и 2011 го изготвувавме законот, кој беше компактен и во согласност со Охридскиот рамковен договор. Тогаш кога СДСМ беше во опозиција, тврдеше дека овој закон е неуставен, не даваше поддршка. Сега на мала врата сака да го протурка неговиот предлог-закон на кој му стави дури и европско знаменце. Се прашувам дали тоа ќе го направат со законот за амнестијата, дали и тој ќе се усогласува со легислативата на ЕУ“, рече пратеникот Вељаноски.