Трамп за неговата порака за уништување на Северна Кореја: Морав да го кажам тоа

Точка

20/09/2017

09:41

3.170

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп е задоволен од неговото прво обраќање како претседател на САД на Генералното собрание на Обединетите нации во кое што се закани со уништување на Северна Кореја.

Како што пренесуваат светските медиуми, говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Генералното собрание на Обединетите нации, предизвикал вознемиреност кај светските лидери.

„Мислам дека говорот помина многу добро. Го кажав тоа што морав да го кажам“, изјави Доналд Трамп пред новинарите по излегувањето од салата и додаде дека мисли дека и Обединетите нации имаат голем потенцијал за решавање на кризата.


„Ако го остварат тоа, тоа ќе биде нешто исклучително добро. Мислам дека Обединетите нации имаат голем потенцијал кој што им е потребен токму сега и повеќе од било кога“, изјави Доналд Трамп.

Како што пренесува „СиЕнЕн“, и синот и ќерката на Доналд Трамп, кои што присуствуваа за време на говорот на американскиот претседател, сметале дека говорот бил одличен. На прашањето што мисли за говорот на нејзиниот татко, Иванка Трамп изјавила: „Одлично“, а Ерик Трамп додал дека бил „воодушевен“.


„Некои делови од светот одат по ѓаволите. Ако Америка биде загрозена нема да имаме друг избор освен целосно да ја уништиме Северна Кореја. Ким Јонг Ун со ракетните тестови е во самоубиствена мисија. Сега е време сите заедно да работиме да го изолираме Ким се додека тој не престане со непријателското однесување“, изјави Доналд Трамп обраќајќи се пред Генералното собрание на Обединети нации.