Столтенберг во интервју за британски Guardian рекол дека денешното време, во однос на целиот постстуденовоен период, е помалку предвидливо и потешко поради многуте истовремени предизвици.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјавил дека светот денес е поопасно место отколку во последните 30 години.
Столтенберг во интервјуто за британски Guardian рекол дека голем број закани го прават светот поопасно место и дека денешното време, во однос на целиот постстуденовоен период, е помалку предвидливо и потешко поради многуте истовремени предизвици.
"Имаме зголемување на количината на оружје за масовно уништување во Северна Кореја, имаме терористи, нестабилност, и агресивна Русија", рекол шефот на НАТО во текот на посетата на британските војници стационирани во Естонија.
Војниците на Русија и Белорусија во четврток ќе започнат 6-дневна воена вежба, која би требало да биде најголема воена вежба на Москва од крајот на Студената војна. Проценките се дека во неа ќе учествуваат околу 100.000 војници, кои ќе бидат активни околу Балтичкото море, во западна Русија, Белорусија и руската енклава Калињинград.
Во текот на посетата на естонската воена база во градот Тапа, на околу 120 километри од границата со Русија, Столтенберг не сакал директно да одговори на прашањето дали ги поддржува воинствените закани на Доналд Трамп, пратени до Пјонгјанг.
"Ако би шпекулирал за можни воени опции, само би придонел за неизвесноста и тежината на ситуацијата, а мислам дека моја задача е да не придонесувам за тоа. Ќе ги поддржам напорите за пронаоѓање на политичко решение преку преговори. Важно е да размислиме како можеме да создадеме ситуација во која можеме да најдеме политичко решение за таа криза", рекол Столтенберг.
Тој додал дека "истовремено во целост ја разбира и поддржува воената порака" на Јужна Кореја и до некаде на Јапонија, "бидејќи тие имаат право да се бранат".
"Тие имаат право да одговорат кога ги гледаат тие многу агресивни акции. Исто така го поддржувам присуството на американските војници во Кореја", рекол генералниот секретар на НАТО.