Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е време да се разговара со Северна Кореја и дека сите опции се отворени за одбрана на САД и нивните сојузници. Трамп разговараше на телефон со премиерите на Австралија и Велика Британија, Малколм Турнбул и Тереза Меј, за последните нуклеарни проби на Северна Кореја, соопшти Белата куќа.
Американскиот претседател во разговор со Меј рекол дека сега не е време за разговори со Пјонгјанг и јасно ставил до знаење дека сите опции се отворени за одбрана на САД и нивните сојузници од агресијата на Северна Кореја.
Меј и Трамп изразиле одлучност за блиска соработка во засилување на дипломатскиот и економскиот притисок на Северна Кореја. Во разговорот со Турнбул, Трамп ја потврдил посветеноста на Вашингтон за одбрана на земјата и на сојузниците користејќи ги сите достапни дипломатски и воени капацитети, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Трамп и Турнбул ја осудиле воинствената постапка на Северна Кореја и потврдиле дека ќе ги засилат заедничките напори за денуклеаризација на Северна Кореја.