Досегашното владеење на крадоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека тие работат на штета на граѓаните и исклучиво во интерес на Никола Груевски, велат од СДСМ по објавувањето на дел од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.
„Со кандидирање осудени и осомничени лица и личности што работеле во личен и во интерес на партијата, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш докажа дека не работи за доброто на граѓаните, туку единствено за криминално богатење на Груевски и раководството.
Кандидирањето на актуелниот крадоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, осуден бидејќи работел на штета на општината, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се извлече од стегите на Груевски и неговите криминални соработници“, велат од СДСМ.
Пресудата за Ристески, велат од СДСМ, пресудата за изборен поткуп против градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, како и поведеното обвинение против Владимир Талевски, градоначалникот на Битола, кој се товари за криминал тежок 360.000 евра народни пари, се само мал доказ за незаконското работење на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво.
„На претстојните избори, на кои СДСМ е апсолутен фаворит, граѓаните ќе изберат нова локална власт која ќе работи чесно, домаќински и во интерес на граѓаните.
Новата локална власт предводена од СДСМ ќе биде услужна, еднакво посветена и отворена за сите граѓани“, се вели во соопштението.