Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието на Република Македонија поднесуваме интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски од собранискиот прес-центар. Тој посочи дека министерот Николовски не успеал да излезе на крај со појавата на шумските пожари и затоа треба да сноси одговорност.
„Како резултат на несериозноста, неодговорноста и некомпетентноста на министерот Љупчо Николовски, Република Македонија речиси еден месец е во пламен. На целата територија на Република Македонија се случуваат отворени пожари, односно опожарување на огромни површини високостеблеста формирана шума со непроценливи последици од трајна загуба и деградирање на шумскиот појас, сериозни еколошки последици врз животната средина, уништување на приватната и јавната сопственост и доведување во животна опасност на жителите на опожарените региони и населени места“, рече Илиоски.
Илиоски обвини дека шумските пожари се намерно предизвикани од страна на актуелната власт, како што рече, со цел да се свртело вниманието на граѓаните од погубните политики што ги спроведува Владата во десегашниот период.