По повод потпишувањето на договорот за добрососедство помеѓу Бугарија и Македонија се огласи и министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел.
– Денес Бугарија и поранешната југословенска Република Македонија потпишаа историски договор за добрососедство во Скопје. Го поздравувам тоа што по многу години безуспешни преговори се најде консензуално решение на отворените прашања.
Со тоа двете држави испраќаат важен сигнал за успешна билатерална, но и регионална соработка на Балканот и за натамошната евро-атлантска интеграција на ПЈР Македонија.
Вреди да се напомене дека ова потпишување успеа да се спроведе за помалку од два месеца од инаугурацијата на новата македонска Влада.
Убеден сум дека новата Влада во Скопје ќе продолжи да го спроведува овој вид конструктивна соработка консеквентно со сите соседи. Исто така, ги поздравувам напорите на новата Влада, по долгогодишна стагнација, сега конечно да започне со итно потребните реформи за приближување кон ЕУ, стои во изјавата на Габриел.