Сторијата на „Макфакс“ открива во какви услови живееле децата без родители во Домот „11 Октомври“ во Скопје.
Прв човек на Домот до пред една седмица беше директорката Ристенка Атанасова. Осум години задолжена за социјалната и здравствената заштита на штитениците, донациската сметка и фондовите, ресурсите и условите.
Иако директорката Ристенка Атанасова во 2014-та и 2015-та година од Министерството добила вкупно 500 илјади денари за подобрување на животниот стандард во Домот за деца бе родители, состојбата во „11 Октомври“ најблаго кажано и ден денес е ужасна.
Покрај тоа, во изминатите години илјадници донации се слеале во домот, дел од нив во финансиски средства, а другите како материјални добра. Аголни гарнитури, бела техника, компјутери, опрема за сали за вежбање, фенови за коса, чизми, машини за перење, опрема за игротека, облека, телевизори и велосипеди.
Сепак, како што открива „Макфакс“, сите овие донации не биле сметководствено евидентирани и за нив нема договор за донација во писмена форма, односно договори со кои се регулира на кој начин ќе бидат трошени средствата.
Додека на децата од домот неправедно им бил одземан џепарлакот, директорката Ристенка Атанасова, од службената сметка плаќала суми од 6.000 до 7.000 илјади денари за телефонски разговори со образложение дека таа е директор, иако ѝ било дозволено само 2.000 денари. „Макфакс“ открива дека од сметката на Домот „11 Октомври“ таа набавувала и по 5 килограми лешници, ф’стаци и бадеми, без тие да бидат евидентирани во магацинот како што е пропишано за сите набавки. Ристенка Атанасова потрошила 580 евра за рачни часовници, а Домот платил и телефон во вредност од 45 илјади денари!
„Макфакс“ открива дека Атанасова дури и избркала од работа самохрана мајка со образложение дека ѝ е потребно слободно работно место за партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Новинската агенција потсетува дека Ристенка Атанасова можела да се слушне и во бомбите на опозицијата како ги тера децата од Домот да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Додека децата и натаму живеат во нехумани услови, иако Домот добивал бројни донации, во 2016 евидентирани се 212.844 илјади денари врз база на донации, а веќе во февруари има повеќе од 350 илјади. Почетното салдо од јануари 2016 година на буџетската сметка од Домот изнесувало 597.974 денари за по единаесет месеци да останат само 180.426 денари. Пред заминувањето Атанасова на донаторската сметка оставила само 72.973 денари.
„По осум години директорување, Атанасова повеќе не е на раководната позиција во Домот, а зад неа оставила состојба која итно треба да се санира. Останува отворено прашањето дали Обвинителството по допрен глас ќе отвори истрага против незаконските трошења средства од Домот“, заклучува „Макфакс“.