Илиоски: Никој не знае што договорил Заев во Софија

Макфакс

22/06/2017

15:55

520

Големина на фонт

а а а

Зоран Заев има обврска пред граѓаните да ги исполни ветувањата за транспарентно и инклузивно работење, особено кога станува збор за прашања кои се од најголем национален интерес – рече на денешната прес-конференција Зоран Илиоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Илиоски, никој во земјава не знае што точно договорил Заев во Софија, а веќе најавил дека договорот ќе биде потпишан на 2 август, откако ќе се усогласеле уште некои ситници.

„Дали е точно дека Зоран Заев договорил да се менуваат учебниците по историја? Во чие име го договорил тоа? Со кого се консултирал Зоран Заев за да ја менува историјата? Што ќе се менува во учебниците и чија историја ќе учиме?На кој јазик ќе се потпише договорот со Бугарија и дали Бугарија ќе го признае македонскиот јазик и македонскиот народ? Дали ќе стои во договорот дека Македонија има своја, автохтона историја? Дали во договорот ќе има реципроцитет во однос на обврските на двете страни? Градењето добрососедски односи не подразбира рушење на сопствените државни и национални интереси. За жал, Зоран Заев продолжува да манифестира основно непочитување кон сопствениот народ јазик и историја“ – рече Илиоски. 

Тој уште праша како поинаку да се толкува скандалозната изјава на Зоран Заев дека треба целосно да се редефинираат учебниците по историја кои биле креирани од генерации историчари во Македонија. 

„Оваа изјава претставува погазување на вистината, погазување на илјадници судбини и погазување на трудовите и целокупната научна дејност. Со кој аргумент Заев ја обвинува сопствената земја дека шири омраза и национализам, па сега тој најавува дека ќе ги затворел тие поглавја. За каков национализам и омраза го обвинува сопствениот народ? Зарем Македонија низ годините наназад покажувала национализам кој на кој било начин ги загрозувал нашите соседи. ВМРО-ДПМНЕ го повторува ставот дека е за градење добрососедски односи, врз база на заемно почитување и зачувување на достоинството и интегритетот на народот и на Република Македонија“ – додаде членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг