Вонредни парламентарни избори во Велика Британија

Макфакс

08/06/2017

10:05

274

Големина на фонт

а а а

Во сенка на двата терористички напади, во Манчестер и Лондон, под силни мерки на обезбедување, денес во Велика Британија се одржуваат вонредни парламентарни избори.

Исходот од гласањето ќе одреди кој ќе ја гради иднината на Велика Британија по излегувањето од Европската унија (ЕУ).

Британците до 22 часот ќе се определуваат помеѓу 3.303 кандидати во 650 региони во земјата, колку што има места во Долниот дом на парламентот. 

Тоа значи дека за апсолутно мнозинство се потребни 326 пратеници. 

Право на глас имаат полнолетните Британци, потоа државјаните на Република Ирска и земјите на Комонвелтот, како и Британците и Ирците кои живеат во странство, а кои се регистрирани во избирачкиот список, во последните 15 години. 

Главни фаворити се Конзервативната партија на десниот центар, на чело со премиерката Тереза Меј и левичарската Лабуристичка партија која ја предводи Џереми Корбин. Зад нив следуваат Либерално-демократската партија на левиот центар, популистичката Партија за независност на Обединетото Кралство и лево ориентираната Зелена партија. 

Според анкетите најмногу шанси за победа имаат конзервативците, но влада би можеле да формираат и лабуристите со поддршка на помалите левичарски партии. 

Британците најмногу ги интересира која владејачка гарнитура ќе ги решава прашањата од Брегзитот, односно прашањата поврзани со тероризмот, националната здравствена служба, економијата, имиграцијата. 

Воочи гласањето, анкетите покажуваат дека борбата за власт во Велика Британија ќе биде многу понеизвесна, од она што го покажуваа анкетите пред шест недели кога Тереза Меј ги распиша вонредните избори. 

Изборните резултати ќе бидат соопштени до 9.јуни, во утринските часови, кога ќе се знае кој е победник на изборите. 

Кралицата Елизабета Втора потоа од лидерот на партија која има најголеми шанси да формира мнозинство во Долниот дом на парламентот да стане премиер и ја формира новата администрација. 

Парламентот ќе се состане на 13.јуни за да избере претседател и тогаш пратениците ќе положат заклетва. Кралицата на 19.јуни официјално ќе го прогласи почетокот на работата на новиот парламент, кога и ќе биде прочитана програмата на владата за престојаната парламентарна година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг