Ситуацијата е на раб на ескалација: Трамп и Пентагон планираат голема воена операција против Асад?

Точка

07/04/2017

09:05

2.548

Големина на фонт

а а а

Асад мора да си оди - тврди американскиот шеф на дипломатијата Рекс Тилерсон, а неименуван висок американски функционер не ја исклучи можноста за воен напад на Сирија.

Државниот секретар на САД порача дека Асад не смее да владее со народот на Сирија, после ужасното злосторство и нападот со хемиско оружје во кој што загинаа најмалку 72 лица, меѓу кои и 10 деца. Тилерсон порача дека САД сега размислува за „вистински одговор“ за таквата ситуација.

Според шефот на американската дипломатија, нема сомнеж дека режимот на Асад стои зад нападот со хемиско оружје, а исто така ги предупреди и Русите дека треба „внимателно да ја разгледаат“ својата поддршка која што му ја даваат на Асад.

Американците не ја исклучуваат можноста ниту за воен одговор, а во пресрет на средбата со кинескиот претседател, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „сите опции се на маса“. Што се однесува до високиот функционер кој сакал да остане анонимен, запрашан за тоа дали воената операција е отфрлена како можно сценарио, тој категорично рекол „не“.


Засега не е јасно како би се одвивала операцијата на американската армија против силите на Асад доколку дојде до тоа. Секако, се претпоставува дека на удар на американската авијација ќе се најдат одбранбените ракетни системи и складиштата со оружје и муниција на сириската армија.

Во секој случај, ситуацијата деновиве е исклучително тензична, а доколку дојде до воена интервенција на Американците против Асад, многу работи во светската политика можат да се променат. Имено, американското бомбардирање на позициите на сириската армија може да доведат и до директен судир помеѓу САД и Русија, а тоа може да резултира со глобална катастрофа.

Русите иако порачаа дека Асад ја нема нивната „безусловна“ поддршка, тие сепак ја блокираа резолуцијата во ОН со која што режимот на Асад се осудуваше за хемискиот напад. Претседателот на Русија, Владимир Путин во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху ги критикувал „неоснованите обвинувања“ околу „инцидентот со хемиското оружје“.


„Путин посебно го подвлече како неприфатливо изнесувањето на неосновани обвинувања против било кого пред да биде извршена опсежна и непристрасна меѓународна истрага“, стои во соопштението на Кремљ.

Во врска со хемискиот напад се огласи и германската канцеларка Ангела Меркел која што порача дека било скандал тоа што Советот за безбедност при Обединетите нации, не ја усвоил резолуцијата со која што би бил осуден хемискиот напад кој што се случи оваа седмица во Сирија.

„Тоа е варварски чин кој што мора да биде разјаснет. Користењето на хемиско оружје е воено злосторство. Скандал е тоа што не е донесена резолуцијата во Советот за безбедност при ОН, а тие кои што се противат на тоа (Русите) мора да размислат за тоа каква одговорност имаат“, порача Ангела Меркел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг