Еш Сото не се вклопува во калапот на стандардната убавина во модната индустрија. Оваа манекенка има витилиго и поради тоа гласно решила да ја промовира љубовта спрема самата себеси. Тоа е нејзината мисија во која своето тело го користи во уметнички цели.
Оваа необична девојка имала 12 години кога ѝ била дијагностицирана кожната болест. Пегите и “шарите” по кожата се прошириле низ целото тело на многу специфичен начин.
“Еден ден забележав мала точка на вратот, на која не ѝ обрнував многу внимание. Тогаш се појави уште една. Посетив лекар и веднаш добив дијагноза. Мајка ми плачеше, а јас сè уште не можев да сфатам колку болеста ќе ми го промени животот”, вели Еш.
Таа, од отворена девојка се претворила во депресивна и анксиозна личност. Одбивала да запознава нови луѓе, а од дома излегувала само со маици по долги ракави.
“Пробував да бидам насмеана, но одвнатре не бев добро. Се мразев себеси и им завидував на сите девојки кои имаа совршена кожа” – вели таа.
Со помош на своето семејство, Сото ги пребродила сите стравови и страдања.
“На почетокот, со помош на трикови ги прекривав флеките, но еден ден се охрабрив и објавив реална фотографија од моето тело. Се изненадив од позитивните реакции на следбениците”, изјавила Еш која признава дека најдрагоценото нешто е што поттикнала и други луѓе да се соочат со оваа болест.
Поддршката не изостанала, а таа продолжила храбро со својот проект со наслов “Сите ние сме уметност”.